Ликовното обликовање , претставување и имитација на состојби на повредени е најочигледна метода во функција на обуката за прва помош. На овој начин се стекнуваат вистински и трајни знаења за навикнување и адекватно реагирање во вистински животни несреќи, без страв и паника, а за да не си наштетиме себеси и на веќе загрозените луѓе.
За да се стекне реален впечаток за прикажување на некои повреди или состојби треба да се води сметка за следните услови:
1. СИТУАЦИЈА – Треба да се претстави ситуацијата во која настанала несреќата, механизмот на настанок, местото каде се случила несреќата и каде симулантите ќе ја одглумат несреќата.
2.ОДНЕСУВАЊЕ НА СИМУЛАНТИТЕ- На симулантот треба да му се обезбедат услови, да се подготви за да се однесува како личност која е вистински повредена.
3. ЛИКОВНО ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА ПОВРЕДИТЕ- За да може раната направена со шминка да изгледа реално мора да одговара на сите анатомско-физиолошки услови.
Многу човечки животи се изгубени, многумина останале инвалиди, се случиле и други компликции поради незнаење, паника и страв кога луѓето кои даваат прва помош не го прават тоа како што треба.
За прикажување на повреди , убоди, личноста мора да има над 15 години. Симулантот мора да знае прва помош, зошто на вежбите на секоја грешка од реализаторот на првата помош мора да реагира соодветно со глума. Вежбата која реалистично прикажува несреќен случај не треба да биде спектакл за гледачите, туку само вежба за прва помош. Таа е најдобар вид на обука кај првата помош. Се треба да биде реално во однос на причината и ситуацијата, изведено без претерување и во склад со видот на повредата. Секое претерување во глумата делува неприродно и го спречува саканиот ефект.
Пред почеток на шминкањето мора да се избере симулант, боја на кожата. Личноста не треба да е преосетлива, алергична . Пред почетокот на шминкањето симулантот треба да биде запознаен со видовите и причините на повредата која треба да ја симулира. Секој симулант треба да биде специјализиран за одредени повреди (при изборот на симулант на пример за состојба на шок се избира бледа личност со светол тен, а не црвена на лицето).
Местата над коските(потколениците) отекуваат брзо, додека на мускулниот дел (бутот) отокот се гледа покасно.
Секоја повреда има своја тежина, се изразува со соодветни знаци и зависи од причината за нејзино настанување, локализацијата, големината, длабочината и други околности.